Будење е моќна изведба што го затвора 22. издание на Танц Фест, носејќи силна сценска енергија и колективно искуство што ги поврзува личното и општественото.
5 мај 2026 | 20:00 | Народен Театар Битола
ЗАТВОРАЊЕ НА ТАНЦ ФЕСТ 2026
За претставата
„Будење“ ја затвора фестивалската програма со силна колективна изведба што ги истражува меѓучовечките односи, стереотипите и динамиката помеѓу индивидуалниот и колективниот идентитет.
Претставата се занимава со воспоставените форми на однесување и нивната деконструкција, отворајќи простор за преиспитување на општествените норми и личните позиции во нив. Телото станува медиум преку кој се изразуваат емоции, конфликти и трансформации.
„Будење“ е процес — патување низ личните и колективните слоеви на идентитетот, каде што секој танчер носи сопствена приказна, која се претопува во заедничко сценско искуство. Претставата кулминира како силен, емотивен и визуелен финалe на фестивалот.
Како завршен настан на Танц Фест 2026, оваа изведба го означува новото поглавје на фестивалот — со излегување надвор од Скопје и отворање кон нови простори и публики.
Уметнички Тим
- Кореографија и режија: Рисима Рисимкин
- Музика: Тони Китановски
- Костими: Благој Мицевски
- Дизајн на сцена: Матеа Мијановиќ
- Асистент-репетитор: Сара Димовска
- Изведувачи: Адријана Данчевска Ровчанин, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска, Сара Димовска, Нина Петрушевска, Лука Ѓорѓиевски, Давор Милев, Михаела Колцунова, Теона Ѓуревска, Надја Луканова, Ивона Манасиевска, Елена Терзиева, Миа Петровиќ, Марија Андовска, Мила Ангелова, Аника Андоновска, Анеса Бектеш, Нина Ташкова, Ејул Јилмазчобан, Јана Ѓоршовска, Моника Ѓоргиева, Теона Голчева, Ивана Ралев, Евгенија Павловиќ, Евгенија Симоновска, Небеска Шумковска, Теона Димитриевска, Кристина Петрова, Кристина Коцевска, Мила Атанасова, Ана Митревска
- Продукција: Скопје Танцов Театар, 2026
- Програма: Скопје Танцова Платформа
- Благодарност до ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј” – Балетски оддел за соработката
Рисима Рисимкин
Рисима Рисимкин е една од највлијателните кореографки и визионерки во современиот танц на Балканот, со повеќе од 45 години активно творештво и бројни меѓународни признанија.
Како основачка на Интерaрт Културниот Центар (1996) и Танц Фест Скопје (2005), таа постави темели на современата танцова сцена во Македонија и го поврза локалниот контекст со европските платформи.
Паралелно со нејзината уметничка кариера, Рисимкин е редовен професор и доктор на науки, на Филмската академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и основач на Катедрата за современ танц, развиена во партнерство со CODARTS – Rotterdam Dance Academy (Холандија). Преку овој програм, создадава генерации танчери и кореографи кои денес ја претставуваат македонската танцова уметност на европските сцени.
Нејзиниот авторски пристап се карактеризира со силна физичност, емотивна длабочина и истражување на идентитетот, општествените структури и човековата состојба.
Со бројни меѓународни соработки и продукции, таа создава дела кои ја поврзуваат локалната сцена со европскиот контекст.




