Гостувањето е директен резултат на Скопје танцовата платформа 2026 и нејзината мисија да создава нови можности за меѓународна соработка и циркулација на домашните продукции.
На 29 јули 2026 година, на сцената на Nuovo Teatro Abeliano во Бари, Италија, Скопје танцовиот театар ќе ја изведе претставата „МА“, во кореографија на Дејан Битровски. Со ова гостување, „МА“ ќе ја има својата италијанска премиера и ќе ја отвори програмата „Unite gli Estremi e Avrete il Vero Centro“, во организација на танцовата компанија ResExtensa, основана од танчерката и кореографка Елиса Барукиери. Програмата се реализира во рамките на иницијативата „Le Due Bari“ на Град Бари и од 29 јули до 31 август носи современ танц, театар и музика во различни културни и јавни простори низ градот.
„МА“ е современа танцова претстава инспирирана од драматуршката структура на „Чекајќи го Годо“ од Семјуел Бекет. Делото го истражува времето на чекање како заедничка состојба, во која двајцата изведувачи развиваат различни стратегии за справување со времетраењето, тишината и неизвесноста. Во претставата настапуваат Лука Ѓорѓиевски и Данило Скалинци, звучниот концепт е на Дејан Битровски, музиката на Душко Јаневски, а костимите се на Андреј Папаз.
Поканата за гостување во Бари е конкретен резултат од присуството на претставници на ResExtensa на првото издание на Скопје танцовата платформа, одржано во рамките на Танц Фест Скопје 2026. Платформата беше создадена со цел домашните и регионалните уметници и продукции да бидат претставени пред професионална меѓународна публика – уметнички директори, фестивалски програмери, продуценти и претставници на организации кои располагаат со простор, ресурси и услови за развој на соработки и за претставување на продукциите пред нова интернационална публика.
Гостувањето на „МА“ покажува дека професионалните платформи не се само простор за еднократна презентација, туку механизам што може да создаде конкретни покани, партнерства и можности за понатамошен развој на уметниците. Тоа ја потврдува потребата ваквите платформи трајно да бидат препознаени како дел од нашата културна стратегија и соодветно да се поддржуваат како важна инфраструктура за меѓународна промоција на македонската современа уметност.
Преку гостувањата на домашните продукции, пред меѓународната публика не се претставуваат само поединечни уметници и претстави. Се претставува Македонија како земја со активна, современа и европски ориентирана културна сцена, а посетите и професионалните размени создаваат можност странските партнери истовремено да ги запознаат културните, природните и урбаните вредности на нашата земја.
Меѓународната циркулација воедно го продолжува животниот век на продукциите и ја зголемува нивната одржливост. Една претстава не завршува со премиерната изведба, туку продолжува да се развива, да допира нова публика и да создава нови професионални можности. Зад секое гостување стои цел екосистем што ги вклучува кореографите, танчерите, композиторите, костимографите, сценските и светлосните дизајнери, техничарите, продуцентите, комуникациските тимови, фотографите и видеографите, но и превозот, сместувањето, печатниците, угостителството и бројни други локални добавувачи и вработени.
Гостувањето на „МА“ во Бари е пример дека вложувањето во професионална презентација, меѓународно вмрежување и развој на квалитетни домашни продукции носи видливи и долгорочни резултати – од средба на платформата до нова сцена пред интернационална публика.
Повеќе информации во Италијанската објава: https://www.giornaledipuglia.com/2026/07/bari-larte-unisce-centro-e-periferie-al.html https://www.ciranopost.com/2026/07/14/resextensa-porta-la-danza-internazionale-nei-quartieri-di-bari-con-unite-gli-estremi-e-avrete-il-vero-centro/


