Скопје танцовиот театар, во изминативе десет години има остварено преку 70 продукции. Компанијата овозможува развој на млади уметници, па така на сцената на Скопје танцовиот театар свое деби имаа повеќе млади кореографи, кои веќе имаат препознатлив стил, меѓу кои: Матеа Киселичка, Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Дора Кокољ, Валентино Апостоловски, Александра Петрушевска, Андријана Андреева, Јакуб Мунко и други.
Компанијата активно настапува низ земјава и странство. Во 2022 година, покрај гостувањето во Париз, Франција, Скопје танцовиот театар се претстави и на фестивалски сцени во Бартислава, Словачка, во Загреб, Хрватска и Рига, Латвија. Во 2020 Скопје танцовиот театар имаше настап на „Соло танцовиот фестивал“ во Анкара, Турција, со дел од претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на Рисима Рисимкин, во изведба на Адријана Данчевска. Во 2018 година, со претставата „Кожа“, комапнијата гостуваше на најзначајниот фестивал за танц во Европа – „Holland Dance Festival“, а во август истата година, го затвори 37-то издание на фестивалот „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД. Во октомври 2018 година Скопје танцовиот театар настапи на Интернационалниот фестивал за танц на Пекингшката академија за танц со проектот „Егзистирање“. Скопје танцовиот театар има остварено настапи и на “Share” фестивалот, во Братислава, Словачка (2017 и 2019), „Mariytime Silkroad Festival“ (2017) во Чуанџо, Кина; “Meet in Beijing”, интернационален фестивал во Пекинг, Кина, “Open stage program“ во Хаг и Ротердам, Холандија (2015); ИТС фестивалот во Амстердам, Холандија, (2013); Саем за танц, Дизелдроф и Културбункер во Келн, Германија (2012) и во Хрватска на Интернационалниот фестивал за современ танц и невербален театар, Санвинченто, (2011).
Во репертоарот на Скопеј танцовиот театар, покрај делата на Рисима Рисимкин, се изведуваат дела на кореографите: Џенис Бренар и Шон Скантелбјури од Њујорк, САД; Џоан ван Дер Маст, Нил Вердрун и Тим Персент од Холандија; Катцура Кан од Јапонија; Антон Рудаков од Германија; Антонело Тудиско од Италија; Јотам Пелед од Израел; Шимон Кубан од Република Чешка и други.
Во моментов компанијата работи на проект за родовата еднаквост и ненасилство врз жените, насловен како „Dancing (Talking) Table“ или „Простор за разговор“ со кој преку уметнички активизам сака да ја подигне свеста за оваа тема во општеството. Проектот е поддржан од Швајцарската амбасада во Скопје.