Претставата „Мокументари“ (Mockumentary) на кореографката Адријана Данчевска Ровчанин, во продукција на Скопје танцов театар и Интерарт културен центар, на 10 ноември ќе ја има својата албанска премиера во Тирана, како дел од 21. издание на меѓународниот фестивал за современ танц „Albania Dance Meeting“ (Албанија денс митинг). Изведбата ќе се одржи во 12:00 часот, во салата „Блек бокс“ (Black Box) на Универзитетот за уметности во Тирана, а на сцената ќе настапат Дејан Битровски и Нина Петрушевска.
Гостувањето претставува нова етапа во меѓународниот развој на делото, кое годинава беше избрано меѓу десетте кореографски остварувања на регионалната платформа Moving Balkans (Мувинг Балканс). Во мај, „Мокументари“ беше изведена во Нови Сад, во рамки на меѓународната презентација на платформата, пред професионална публика составена од директори, куратори и програматори на европски танцови организации и фестивали.
Претходно, делото беше претставено и на 22. издание на Танц Фест Скопје, како дел од Скопје танцовата платформа, пред 50 меѓународни професионалци од водечки европски танцови организации и куќи. Овие претставувања создадоа значајни можности за видливост на македонската современа танцова сцена и за воспоставување нови професионални контакти и соработки.
„Мокументари“ е кореографска рефлексија на македонското општество, која ги истражува стравот, отуѓеноста, молкот и механизмите на моќта. Преку фрагментирана и нелинеарна нарација, претставата открива како општествените притисоци се впишуваат во секојдневното однесување и како приспособувањето станува начин на преживување. Како што делото се развива, политичката реалност постепено преминува во фантастичен свет, во кој се разградуваат воспоставените родови хиерархии и односи на моќ.
„Особено е важно кога претстава која произлегува од специфичен општествен и политички контекст успева да предизвика препознавање и емоција кај публика што доаѓа од различни културни средини. Тоа покажува дека темите со кои се занимава „Мокументари“, стравот, адаптацијата, молкот, чувството на колективна исцрпеност, не се исклучиво локални, туку универзални искуства што резонираат и надвор од нашите граници“, истакнува Данчевска Ровчанин во интервју за „Културен печат“.
Делото го привлече вниманието и на меѓународната танцова критика. Во освртот „Три дела што живеат во состојба на тревога“ (Three works that… live in states of alarm), објавен на платформата „On Record“ на европската танцова мрежа „Aerowaves“, критичарката Дарија Анкуца ги анализира односите на доминација и потчинување во претставата, како и механизмите преку кои стравот станува научено однесување, а репресивните модели продолжуваат да се повторуваат.
„Мокументари“ ја имаше својата премиера во 2025 година, во рамки на „Денови на македонски кореографи“ во Националната опера и балет. Музиката е на Александар Гроздановски – Херцел, а сценографијата на Ивана Мојсовска.
Со премиерата во Тирана, Скопје танцов театар го продолжува континуираното меѓународно претставување на македонското современо танцово творештво, придонесувајќи кон регионалната културна размена и поврзувањето со европската танцова сцена.
Прочитајте повеќе:
- Интервју со Адријана Данчевска Ровчанин за „Културен печат“
- Критички осврт за „Мокументари“ на „Еровејвс – Он рекорд“


