Во рамките на Месецот на франкофонијата, во соработка со Францускиот институт во Скопје и Француската амбасада, како најава за програмата на Танц Фест 2026 кој оваа година го одбележува своето 22. издание, ви претставуваме:
На 10 март 2026 во 20:00 часот, во Македонскиот народен театар, публиката во Скопје ќе има можност да ја погледне современата танцова претстава „F_AI_LLE“ на францускиот кореограф Жан-Марк Матос и компанијата K. Danse.
„F_AI_LLE“ или ПРОЦЕП е кореографска изведба и интерактивна инсталација која го истражува дијалогот помеѓу човечкото тело и вештачката интелигенција, при што движењата на изведувачот или учесникот се фаќаат и интерпретираат во реално време од систем базиран на AI.
Жан-Марк Матос и неговата компанија K. Danse се веќе добро познати на македонската публика по нивниот впечатлив настап на затворањето на Танц Фест Скопје 2025. Со танцовата претстава „F_AI_LLE“ создадена во 2024, кореографот продолжува да го истражува дијалогот помеѓу човечкото тело, технологијата и вештачката интелигенција, создавајќи сценско искуство во кое движењето, дигиталната слика и звукот се развиваат во реално време. Делото отвора прашања за односот помеѓу човекот и машината, за креативниот потенцијал на технологијата и за новите можности што ги носи дигиталната ера во современиот танц.
Претставата се надоврзува на програмската линија DanceTech, која Танц Фест ја развива како платформа за истражување на односот помеѓу танцот, новите технологии и дигиталната уметност – насока што ќе продолжи да се развива и во 22. издание на фестивалот.
Гостувањето на Jean-Marc Matos во Македонија е придружено со едукативна и културна програма која ќе се реализира во повеќе градови во соработка со Францускиот институт во Скопје и Француската амбасада. Во рамките на оваа програма, кореографот ќе одржи работилници и средби со ученици, млади танчери и професори, како и презентации за неговата уметничка практика и за врската помеѓу танцот и технологијата. Активностите ќе се реализираат во Скопје, Куманово, Тетово и Битола, вклучувајќи работилници со ученици од основни и средни училишта, со млади танчери и со професори по француски јазик, како и презентација на проектот „F_AI_LLE“ на Факултетот за ликовни уметности.
По изведбата во Скопје, претставата ќе биде изведена и во Народниот театар во Битола, продолжувајќи ја својата турнеја во рамките на франкофонската културна програма во земјата.
Со ова гостување, Танц Фест Скопје продолжува да ја зајакнува меѓународната културна размена и дијалог, носејќи на домашната сцена значајни уметници и актуелни уметнички практики од европската современа танцова сцена.
Информации за настанот:
📅 10 март 2026
🕗 20:00
📍 Македонски народен театар – Скопје

📖 Повеќе за работата на кореографот Jean-Marc Matos и неговото истражување на танцот и технологијата:https://trn.mk/jean-marc-matos-tanczot-kako-di%D1%98alog-na-tehnologi%D1%98ata-i-teloto/
Проектот е поддржан во рамките на програмата FEF „Дигитални уметности“, со што се истакнува виталноста на современото франкофонско уметничко творештво, но и се зајакнуваат културните и уметничките соработки помеѓу Франција и Северна Македонија.



