Интерaрт Културниот Центар со голема чест го објавува составот на жирито на Националниот натпревар за млади балетски уметници „Роксан Стојанов“, нова национална платформа посветена на поддршка, афирмација и професионален развој на младите балетски таленти од Република Северна Македонија.
Жирито обединува врвни балетски уметници, педагози и културни претставници со исклучително национално и меѓународно реноме, гарантирајќи висок уметнички и професионален стандард на натпреварот.

Роксан Стојанов
Прима-балерина (Étoile) на Балетот на Париската опера и една од најистакнатите балетски уметници на денешницата. Родена во Франција, од мајка Французинка и татко Македонец, Роксан Стојанов го започнува својот балетски пат во Скопје, а образованието го продолжува во Брисел и Париз. Во 2007 година станува дел од Балетската школа на Париската опера, а во декември 2024 година официјално е прогласена за Étoile по настапот во Paquita.
Покрај богатата интернационална кариера, таа активно се залага за поддршка на младите балетски таленти. Натпреварот што го носи нејзиното име претставува нејзин личен и професионален ангажман за создавање трајна културна врска меѓу Франција и Северна Македонија.
Александра Мијалкова
М-р Александра Мијалкова, прима-балерина на Македонската опера и балет од 1998 година, е една од најзначајните балетски уметници и педагози во земјава. Мијалкова има исклучително богат сценски репертоар и долгогодишна педагошка кариера. Дипломира на Украинската академија за танц во Киев, а магистрира на Филозофскиот факултет во Скопје во областа на педагогијата. Нејзиниот богат репертоар опфаќа централни улоги во најзначајните класични балети, меѓу кои: „Лебедово езеро“, „Жизел“, „Дон Кихот“, „Рајмонда“, „Кармен“ и многу други дела од класичната и современата балетска литература. Како редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, таа го пренесува своето знаење и искуство на младите генерации, оставајќи длабок и траен печат врз националната балетска сцена. Добитничка е на бројни признанија, меѓу кои наградата на Град Скопје „13 Ноември“ и државната награда „Св. Климент Охридски“.


Антонио Конфорти
Солист на Балетот на Париската опера и еден од најпрепознатливите уметници на својата генерација. Роден во Салерно, Италија, се школува во Театарот „Сан Карло“ во Неапол и Балетската школа на Париската опера под раководство на Елизабет Плател.
Од 2012 година е член на Балетот на Париската опера, каде гради исклучително богат репертоар со дела од водечките класични и современи кореографи. Во 2024 година е добитник на престижната награда AROP Prize, како потврда на неговата уметничка зрелост и сценска присутност.
Кристоф Ле Риголер
Н.Е. г-дин Кристоф Ле Риголер е Амбасадор на Франција во Република Северна Македонија од 2024 година. Со богато дипломатско искуство и силна посветеност на културната дипломатија, тој активно ја поддржува соработката меѓу Франција и Северна Македонија, со посебен фокус на уметноста, образованието и младите.
Неговото учество во жирито претставува значајна поддршка на културната размена и афирмацијата на новите генерации балетски уметници.


Рисима Рисимкин
Рисима Рисимкин е една од највлијателните кореографи и визионери во современиот танц во регионот. Основачка на Интерaрт Културниот Центар и Танц Фест Скопје, Рисимкин повеќе од четири децении активно придонесува за развојот и интернационализацијата на македонската танцова сцена. Како професор и доктор на науки, преку работата на Филмска академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, каде е основач на Катедрите за Современ танц и Балетска педагогија, таа има клучна улога во едукацијата на новите генерации танчери и кореографи. Добитник е на повеќе награди за својата долгогодишна уметничка и образовна работа, а во 2025 година е одликувана со орденот „Витез од редот на уметностите и книжевноста“ на Франција за својот исклучителен придонес во уметноста и културната соработка.
✨ За натпреварот
Националниот натпревар за млади балетски уметници „Роксан Стојанов“ има за цел да создаде платформа за високи уметнички стандарди, професионална видливост и долгорочна поддршка на младите балетски уметници, позиционирајќи ја Северна Македонија на европската балетска мапа. Наградата е поддржана од Францускиот Институт во Скопје и Амбасадата на Франција во Скопје.



