30 години Интерарт Културен Центар
На 10 март во Македонскиот народен театар се одржа прес-конференција по повод 30 години од основањето на Интерарт Културен Центар и најавата на 22. издание на Танц Фест Скопје, кое ќе се одржи од 18 април до 5 мај 2026 година во Скопје и Битола.
Во текот на три децении, Интерарт Културен Центар е посветен на развојот на современиот танц, независната сцена и меѓународната културна соработка, создавајќи простор за нови уметници, креативни процеси и современи сценски практики. Воедно оваа година одбележуваме 15 години од основањето на Скопје танцовиот театар, кој континуирано работи и има продуцирано повеќе од 70 оригинални кореографии.
На прес-конференцијата присуствуваа г-ѓа Марија Ѓоргова, државен секретар во Министерството за култура и туризам, претставници на долгогодишните партнери на фестивалот – Грегоар Жислер, директор на Францускиот институт во Скопје; Никола Кимовски, директор на Македонскиот народен театар; Кире Павлов, менаџер на Националната опера и балет. Програмата на фестивалот ја претставија Матеа Мијановиќ, директор на Танц Фест Скопје и Интерарт Културен Центар, и Рисима Рисимкин, основачка на Интерарт Културен Центар и Танц Фест.Програмски линии на Танц Фест Скопје 2026
Програмата на 22. издание на фестивалот се развива низ неколку клучни програмски линии кои ја поврзуваат современата танцова продукција, новите технологии, локалната сцена и меѓународната размена.
DanceTech
DanceTech (Денстех) е програмска линија која го истражува пресекот помеѓу танцот, технологијата и дигиталните медиуми.
Програмата ќе се реализира во Младинскиот културен центар (МКЦ) и ќе вклучува презентации, работилници и уметнички проекти кои ги поврзуваат кореографијата, интерактивните технологии, motion capture, дигиталната сценографија и новите медиуми. DanceTech создава простор за иновативни сценски форми и интердисциплинарни уметнички соработки.
Скопје Танцова Платформа
Скопје Танцова Платформа претставува централна програма посветена на современата танцова сцена во Македонија.
Во рамките на платформата ќе бидат претставени 14 кореографии во текот на 3 фестивалски дена на 4 сцени во градот, со премиери и нови продукции од македонски кореографи и танцови уметници. Во соработка со Националната опера и балет и Деновите на македонски кореографи, на фестивалот ќе се претстават 6 македонски кореографи со повеќе сценски продукции. Во програмата на платформата ќе бидат презентирани и регионални продукции и уметници од Балканот преку Moving Balkans платформата за современ танц, каде Интерарт е основачки партнер.
Генерално Собрание на Мрежата на Европски танцови фестивали
Во рамките на фестивалот, Скопје ќе биде домаќин и на Генералното собрание на Мрежата на европски танцови фестивали, што ќе донесе во градот голем број професионалци од областа на културата – директори на фестивали, програматори, продуценти и културни менаџери.
Ова претставува значајна можност за меѓународна видливост на македонската танцова и културна сцена и нови соработки во европски контекст.
Професионална програма
Покрај сценската програма, Танц Фест Скопје развива и професионална програма наменета за танчери, кореографи и културни професионалци.
Во рамките на фестивалот ќе се реализираат:
- работилници со меѓународни уметници
- Stretch во соработка со Diagonal Dance
- средби и разговори со уметници
Фестивалот ќе биде домаќин и на 6 интернационални уметници преку Visiting Artist Programme, што овозможува присуство на кореографи, продуценти и културни менаџери од различни европски земји на програма курирана посебно за нив. Оваа програма создава можности за вмрежување на интернационалните и локални уметници, професионална размена и нови уметнички соработки.
Stretch Конференција е професионална платформа во рамките на Танц Фест која преку разговори, презентации и средби ги поврзува уметниците, продуцентите и културните професионалци со цел размена на знаење, идеи и нови перспективи за развој на современиот танц. Повеќе за конференцијата може да прочитате на веб страната: https://diagonaldance.com/stretch-skopje-2026-on-the-road-to-imagine-tomorrows-dance-sector/
Пред-програма на фестивалот
Пред-програмата на Танц Фест Скопје започнува на 10 март во Македонскиот народен театар со претставата „F_AI_LLE“ на француската танцова компанија K-Danse, реализирана во соработка со Францускиот институт во Скопје.
Деталната програма на фестивалот ќе биде објавена на веб страната на Интерарт Културниот Центар.



