Свечено отворање на 22-то издание на Танц Фест Скопје со гала вечер предводена од ѕвездата на Париската опера, Роксан Стојанов, во придружба на врвни уметници и млади таленти.
За настанот
Во соработка со Францускиот институт и Амбасадата на Франција во Скопје, ви ја претставуваме гала вечерта со Роксан Стојанов, која го означува свеченото отворање на Танц Фест 2026, носејќи на сцената спој од класичен балет, современа експресија и млад талент.
Роксан Стојанов, блескава и длабоко експресивна како Есмералда, открива разноврсна грациозност што ја спојува женственоста со младешка свежина. Наспроти неа, Антонио Конфорти носи силно и благородно сценско присуство. Заедно создаваат дует исполнет со сензуалност и емотивна длабочина.
„Божествена Есмералда, вистински скапоцен камен со совршено извајани линии… улога што постојано се движи од една емоција во друга.“
Resmusica – Notre-Dame de Paris, декември 2025
Програма
- Финале на наградата „Роксан Стојанов“ – пет финалисти
- „Кралство на сенките“ (3-ти чин од „Бајадерка“)
Балетски оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“
Музика: Лео Минкус | Кореографија: М. Петипа
Пренос на кореографија и репетиција: проф. Дафина Данилоска – Кочевска - „Богородичната црква во Париз“ – фрагмент
Кореографија: Роланд Пети | Музика: Морис Жар
Изведуваат: Роксан Стојанов и Антонио Конфорти - Прогласување на победниците на Националниот натпревар „Роксан Стојанов“
Изведувачи
- Роксан Стојанов – Ѕвезда на Париската опера и Антонио Конфорти – Солист на Париската опера
- Балетски оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ – Изведувачи: Никија: Јана Кепеска – 2ра година средно; Солор: Виктор Христовски – 2ра година средно; Трио сенки: Виола Имери – 2ра година средно; Ина Стојановска – 3та година средно; Теа Серафимов – 2ра година средно
Учествуваат ученици од 1ва, 2ра, 3та и 4та година средно балетско образование
Класа на Дафина Данилоска – Кочевска – ученици од 2ра/3та/4та година
Класа на Илинка Накова – ученици од 1ва година
Класа на Маја Митровска Богојевска – ученик од 2ра година – машки клас
Жири на Роксан Стојанов наградата
- Роксан Стојанов
- Сандра Мијалкова
- Антонио Конфорти
- Н.Е. Кристоф ле Риголет
- Рисима Рисимкин
За наградата
На иницијатива на примабалерината и ѕвезда на Париската опера, Роксан Стојанов се воспоставува награда РОКСАН СТОЈАНОВ за млади балетски уметници..
Добитникот на наградата ќе оствари еднонеделен престој во Париз, под менторство на Роксан Стојанов, во кој ќе има балетски часови, посета на балетски претстави, како и запознавање во главниот град.
Од сите 13 учесници, ќе биде направен потесен избор од најдобри пет финалисти, коишто ќе настапат на гала вечерта во МНТ и ќе се натпреваруваат за еднонеделен професионален престој во Париз, во месец јули 2026, под менторство на Роксан Стојанов.
Натпреварот е под покровителство на Претседателката на Републиката, г-ѓа Гордана Сиљановска-Давкова.
Покровители на наградата се Францускиот Институт во Скопје, Божиновски часовници и Божиновски фондација и СИД Балет камп.
Организацијата на наградата е на Културниот центар ИНТЕРАРТ, Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција.
Уметнички директор на наградата Роксан Стојанов: Проф. Д-р Рисима Рисимкин
Генерален директор на наградата Роксан Стојанов: Матеа Мијановиќ
Роксан Стојанов- Ѕвезда на Париската Опера
Роксан Стојанов е исклучителна уметница, која својата танцова кариера ја започнува во Скопје. Образованието го продолжува во различни европски школи, пред да се вклучи во Школата на Париската опера, каде се истакнува со својот талент и уметничка дисциплина.
Во декември 2024, таа е прогласена за Ѕвезда на Париската опера, а во април 2025 година ја доби наградата МЕНАДА, на 21-ото
издание на Фестивалот „ТАНЦ-ФЕСТ”, за нејзиниот особен придонес во областа на танцот.
Низ целата своја кариера, Роксан Стојанов толкува дела од класичниот и современиот репертоар на Париската опера, настапувајќи на меѓународни сцени во Европа, Америка и Азија.
Сакам да им дадам вистинска можност на младите балерини и балетани, да веруваат во себе, да ги следат своите соништа и да откријат колку далеку може да ги одведе страста. Танцот бара многу, но е и уметност на споделување. На мојот пат имав среќа што многумина ме поддржаа и ме инспирираа. Сега и јас сакам да пренесам нешто од тоа, да отворам врати и да бидам поддршка за новата генерација таленти“
Роксан Стојанов.




