Објавено жирито на Националниот натпревар за млади балетски уметници „Роксан Стојанов“

Интерaрт Културниот Центар со голема чест го објавува составот на жирито на Националниот натпревар за млади балетски уметници „Роксан Стојанов“, нова национална платформа посветена на поддршка, афирмација и професионален развој на младите балетски таленти од Република Северна Македонија.
Жирито обединува врвни балетски уметници, педагози и културни претставници со исклучително национално и меѓународно реноме, гарантирајќи висок уметнички и професионален стандард на натпреварот.

Роксан Стојанов

Прима-балерина (Étoile) на Балетот на Париската опера и една од најистакнатите балетски уметници на денешницата. Родена во Франција, од мајка Французинка и татко Македонец, Роксан Стојанов го започнува својот балетски пат во Скопје, а образованието го продолжува во Брисел и Париз. Во 2007 година станува дел од Балетската школа на Париската опера, а во декември 2024 година официјално е прогласена за Étoile по настапот во Paquita.
Покрај богатата интернационална кариера, таа активно се залага за поддршка на младите балетски таленти. Натпреварот што го носи нејзиното име претставува нејзин личен и професионален ангажман за создавање трајна културна врска меѓу Франција и Северна Македонија.

Александра Мијалкова

М-р Александра Мијалкова, прима-балерина на Македонската опера и балет од 1998 година, е една од најзначајните балетски уметници и педагози во земјава. Мијалкова има исклучително богат сценски репертоар и долгогодишна педагошка кариера. Дипломира на Украинската академија за танц во Киев, а магистрира на Филозофскиот факултет во Скопје во областа на педагогијата. Нејзиниот богат репертоар опфаќа централни улоги во најзначајните класични балети, меѓу кои: „Лебедово езеро“, „Жизел“, „Дон Кихот“, „Рајмонда“, „Кармен“ и многу други дела од класичната и современата балетска литература. Како редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, таа го пренесува своето знаење и искуство на младите генерации, оставајќи длабок и траен печат врз националната балетска сцена. Добитничка е на бројни признанија, меѓу кои наградата на Град Скопје „13 Ноември“ и државната награда „Св. Климент Охридски“.

Антонио Конфорти

Солист на Балетот на Париската опера и еден од најпрепознатливите уметници на својата генерација. Роден во Салерно, Италија, се школува во Театарот „Сан Карло“ во Неапол и Балетската школа на Париската опера под раководство на Елизабет Плател.
Од 2012 година е член на Балетот на Париската опера, каде гради исклучително богат репертоар со дела од водечките класични и современи кореографи. Во 2024 година е добитник на престижната награда AROP Prize, како потврда на неговата уметничка зрелост и сценска присутност.

Кристоф Ле Риголер

Н.Е. г-дин Кристоф Ле Риголер е Амбасадор на Франција во Република Северна Македонија од 2024 година. Со богато дипломатско искуство и силна посветеност на културната дипломатија, тој активно ја поддржува соработката меѓу Франција и Северна Македонија, со посебен фокус на уметноста, образованието и младите.
Неговото учество во жирито претставува значајна поддршка на културната размена и афирмацијата на новите генерации балетски уметници.

Рисима Рисимкин

Рисима Рисимкин е една од највлијателните кореографи и визионери во современиот танц во регионот. Основачка на Интерaрт Културниот Центар и Танц Фест Скопје, Рисимкин повеќе од четири децении активно придонесува за развојот и интернационализацијата на македонската танцова сцена. Како професор и доктор на науки, преку работата на Филмска академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, каде е основач на Катедрите за Современ танц и Балетска педагогија, таа има клучна улога во едукацијата на новите генерации танчери и кореографи. Добитник е на повеќе награди за својата долгогодишна уметничка и образовна работа, а во 2025 година е одликувана со орденот „Витез од редот на уметностите и книжевноста“ на Франција за својот исклучителен придонес во уметноста и културната соработка.

✨ За натпреварот

Националниот натпревар за млади балетски уметници „Роксан Стојанов“ има за цел да создаде платформа за високи уметнички стандарди, професионална видливост и долгорочна поддршка на младите балетски уметници, позиционирајќи ја Северна Македонија на европската балетска мапа. Наградата е поддржана од Францускиот Институт во Скопје и Амбасадата на Франција во Скопје.

Сподели