Биографија


Рисима Рисимкин  е еднa од водечките македонски кореографки и уметничка директорка на Танц Фест Скопје и Скопје танцовиот театар, првата официјална компанија за современ танц во Македонија. Taa е оснивач на редовен професор д-р на Катедрата за современ танц, при Филмската академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што е и декан од ноември 2020 година.

Рисимкин докторира на државниот универзитет “Кирил и Методиј“ во Скопје на тема “Компаративна поетика на современите танцови стилови во Европа во 20 век“, каде се стекнува со титулата Доктор на филолошки науки, а магистрира на Универзитетот во Пловдив, Бугарија, на Академијата за Музичка и Танцова уметност (АМТИ) на отсек за кореографија, балетска режија и педагогија, со звање балет-мајстор.

Рисимкин е оснивач на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, која произлегува од нејзината соработка со една од најдобрите светски академии за современ танц – Ротердамската академија за современ танц, дел од универзитетот КОДАРТС во Холандија. Оваа високо-образовна програма започнува со работа во земјава во 2010 година, а од 2017 година е во рамките на УГД, како единствена академија за создавање на современи танчери, не само во нашата земја туку и во целиот регион.

Како професор за современ танц, импровизација и композиција и кореографија, Рисимкин предава на Универзитетот Антон Брукнер од Линц, Австрија (2019), Универзитетот Минзу и Пекингшката академија за современ танц во Пекинг, Кина (2016; 2017; 2018 и 2019), Академијата за изведувачки уметности во Братислава, Словачка (2016ч 2017 и 2018), „Holland Dance Festival“, Хаг, Холандија (2018) и на Бродвеј, Њујорк (2018), Летен камп за современ танц во Кина во 2015 – Шангси, Ксијан и во 2016 во Јунан и Гуандо.

Рисимкин е автор на повеќе трудови за современиот танц и теорија на танцот – „Компаративна поетика на современите танцови стилови во Европа – 20 век“ – докторски труд, „Историја на современиот танц – 20 век“, „Теорија на танцот“, како и уредник на повеќе книги за танц, како „Волшебниот свет на танцот“, „На крилјата на танцот“, „Патот на промените“, „Скопје танцова академија“, „Нов танцов театар“ а преку Интерарт центарот, се јавува како издавач на книгата поддржана од УНЕСКО „Уметноста на танцот“.

Во периодот од 2005 – 2013 година, Рисимкин е член на Управниот одбор на ЦИД УНЕСКО (Интернационален совет за танц, под покровителство на УНЕСКО), во Париз, Франција, во два последователни мандата. Во сезоната 2012-2103 година, Рисимкин е уметнички директор на Националниот балет на Анталија, Турција.

Оснивач е на Интерарт културниот центар (1996) преку чии активности ја развива македонската современа танцова сцена. Се вбројува меѓу најплодните современи македонски кореографи, како авангарден претставник во современото творење. Ја претставува активно Македонија на меѓународната современа танцова сцена со свои претстави, за кои добива одлични критики. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и Награда за исклучителен придонес за развој на културата во Република Македонија.

Рисима Рисимкин ја претставува Македонија како кореограф во Aркус, Данска (1993);  Лајпциг, Келн и Диселдорф, Германија (1998, 2010, 2012); Солун, Грција – Европска Културна Претстолнина (1998); Лисабон, Португалија – EКСПO – Национален ден на Македонија (1998); Нијамеј, Нигер(2005); Санвинченто, Хрватска (2011); Белград, Србија (1997); Варна, Софија и Бургас, Бугарија (1995, 1997, 1998); Подгорица, Црна Гора (1998), Лондон, Велика Британија (2012), Ротердам, Амстердам и Хаг, Холандија (2010, 2013, 2017 и 2018); Пекинг, Кина (2015, 2016, 2017 и 2018), Љубљана, Словенија (2017 и 2018), Њујорк, САД (2018).

Во 2010 година Рисимкин работи како гостин-кореограф во Ротердам, Холандија и во Националниот балет Љубљана, Словенија. Во 2016 година работи како гостин-кореограф во „Nine Contemporary Dance Company“ од Пекинг, Кина и ја создава претставата “Р.Е.М. – Низа од соништа“, која во април 2017 година е на европска мини-турнеја и гостува на сцените во Скопје, Македонија; Љубљана, Словенија и Хаг, Холандија. Во март 2018 година, во Танцовиот театар во Љубљана, се изведува премиерно претставата „Орландина“ која Рисимкин ја подготви за легендарната словенечка современа танчерка Росана Хрибар, а нејзината кореографија „Котел“ во фебруари 2018 година се изведе на престижниот „Holland Dance Festival“ во Хаг, Холандија; а во август истата година, на Свеченото затворање на фестивалот „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД. Во октомври 2018 година, настапи со кореографијата „Егзистирање“ на Интернационалниот фестивал за танц во Пекинг, Кина, со дел од студентите од Катедрата за современ танц, при УГД. Во 2020 Рисимкин настапи на „Соло танцов фестивал“ во Анкара, Турција. Претставата „Идентитети- Историја на еден растегнат сон“ која Рисимкин ја подготви со Скопје танцовиот театар, а со која одбележа 30 години короеграфско творештво во рамките на фестивалот „Охридско лето“ 2020 година, се изведе на 16,17 и 18 март 2022 на сцената на „Националниот театар за танц Шајо“ во Париз, Франција, со што Рисимкин стана првата македонска кореографка која се претставила на највисоко уметничко ниво на еден од најпрестижните светски театри за современ танц, не само од земјава туку и од регионот..

Нејзините претстави се оценети како “претстава- меѓник на македонската танцова историја” (Дневник Стравински 2004) или “Нова ера во македонскиот танц” (МЕМЕНТО 2002), а странската критика ја нарекува “Македонската Пина Бауш”.