„Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ е креација која брилијантно покажува колку овој авангарден кореограф со талент и инвентивност го преиспитува кореографскиот гест, движењето и неговата експресивност.“
„Секогаш е возбудливо да се открие нов кореограф кој ги исполнува очекувањата. Сепак, Рисима Рисимкин и Скопје танцовиот театар не се нови на сцената на современиот танц. Македонските танчери, се имаат претставено со бројни дела низ светот, но за првпат беа поканети во Франција на задоволството на Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз. Единствено жалиме што претставата се играше само три дена.“
(Критика за претставта „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“, изведена во Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција)
Денис Санглард за „Un Fauteuil pour L’Orchestre“, Париз, Франција,22.03.2022
„Во историјата на танцот, всушност во историјата на театарот воопшто, се чини дека секоја генерација произведува неколку исклучителни уметници, претприемачки пионери кои не само што имаат иновативни идеи, туку имаат определба и вештини за да ги остварат овие идеи и амбиции. Во Македонија во моментов има една таква жена, која не е само уметнички директор на Скопската танцова академија и Скопје танцовиот театар, туку е професор на универзитет и ја држи позицијата главен кореограф во Државната опера и балетски театар Анталија во Турција. Таа го формираше и фестивалот “Танц-фест Скопје” кој се одржува на годишно ниво, на кој претставува светски танцови компании. Таа личност е Рисима Рисимкин, и јас бев во можност да ги видам плодовите од нејзината работа на повеќе нивоа, кога го посетив Скопје, за отворањето на овогодинешниот Танцов фестивал. …………. Користејќи музика од Бетовен, која кулминира во „Ода на радоста“, Рисимкин во својата кореографија ја отсликува борбата на луѓето да бидат ослободени од “Моќта”; создавајќи ликови како „Среќа’, „Убавина“ и „Надеж“ кои им помагаат на луѓето и ја инфицираат „Моќта“ со „Љубов“ и на крајот секој го наоѓа “посакуваниот начин”. Кореографијата е многу интересна; посебно лирските поддршки, како и фасцинантни модели на групните сцени. Рисимкин има талент за составување низи на мали, линеарни чекори, нагласени со движење на главите или позициите на рацете. “
(критика за претставата НАДЕЖ со Националниот балет на Анталија, Турција)
Аманда Џенингс за Dance Europe, јуни 2013 година
“. . . Творештвото на Рисима Рисимкин го класифицираме во македонската танцова авангарда која успеа да наметне (понекогаш и по цена на жестоки критики и негации) нови погледи во однос на танцот. . . “
Соња Здравкова Џепароска, “Театарот на почвата на Македонија 20 век
“Водечки критериум за Рисима Рисимкин е визуелниот момент, поради што создава ефектни, впечатливи слики, кои говорат за нејзините режисерски квалитети… Таа тргнува од провокацијата да ги урне концептите на обликување и да понуди нови. . . .“
Емилија Џипунова, балетски критичар
“Некаде кон почетокот на деведесетите години на минатиот век, започнува создавањето на автентичната современата танцова сцена кај нас. Се појавуваат балетски уметници кои откриваат дека просторот на интерпретација им станува претесен и дека нивната амбиција ги води кон сферата на креативното и истражувачкото, како и непосредна поврзаност со епохално естетските конструкции на јазикот, формата и естетиката на современиот балет во светот.
Во 1990година, првиот чекор во таа смисла го прави Рисима Рисимкин. Балерина која својот дух и нескротлив темперамент ги преточува врз музиката и интерпретацијата на една од најголемите интерпретаторки на андер-граунд музиката Џенис Џоплин и го создава своето прво дело ’Џенис’ изведено во рамките на МОТ истата година. Дело низ кое провејува револуционерниот дух на Џенис и нејзината постојана порака:’отфрлете се и бидете среќни’, дело кое е експозиција за понатамошниот развој и потрага по сопствениот израз и тоа во правец на концептуалната уметност и умерениот модернизам…“
Емилија Џипунова. Македонската балетска сцена. (стр.254) Скопје: Панили 2011 година