
Интерарт културниот центар, основан од кореографката Рисима Рисимкин во 1996 година, е првично, посветен на развојот на современата танцова сцена во Македонија, а покасно, откако водството го презема склупторот Матеа Мијановиќ и на современата уметност, посебно на конекциите помеѓу современиот танц, визуелните уметности и музиката. Центарот дизајнира проектни линии, во областа на современиот танц, визуелните уметности и музиката, на повеќе нивоа: едукација, продукција и презентација, со кои во изминативе 26 години, отвори широка платформа за развој на современата уметност во Македонија.
Од самото основање во 1996 година, центарот создава силни врски со различни, престижни центри, фестивали и академии од Европа, Америка и Азија. Интерарт соработува со Кореографскиот центар во Сан-Сен Дени, Бањоле, Париз: Ротердамската академија, КОДАРТС Универзитет и Холандскиот танцов фестивал, Холандија; American dance Abroad, Њујорк, САД, Танцовата унија помеѓу земјите на Централна и Југоисточна Европа и Кина. Центарот ја започнува конекцијата на Скопје танцовата академија, која ја основа во 2010 година, како прв универзитетски програм за современ танц во Македонија, со девет европски танцови академии и универзитети од Словенија, Австрија, Словачка, Полска, Латвија, Унгарија, Чешка.
Преку овие конекции, Интерарт културниот центар ја поставува Македонија на светската мапа на современиот танц, а воедно центарот успева да ја развие македонската современа танцова сцена. Интерарт културниот центар е основач на повеќе манифестации, како „Недела на модерен балет“, во 1996 година, програма која е дел од „Охридско лето“, најголемиот фестивал во земјава и се одвива во Охрид до 2004 година; потоа манифестацијата „Април-месец на танцот!“ во Скопје во 2002 и 2003 година; како и фестивалот Танц Фест Скопје во 2005 година, кој до денес се одржува секоја година во април. Преку овие манифестации и нивните програми македонската публика имаше можност да биде домаќин на различни компании, вистински претставници на светската современа танцова сцена како Холандскиот танцов театар, Скапино балет Ротердам, Интроданс и Галили танцовата компанија од Холандија; Националните балети на Португалија, Словенија, Унгарија, Турција, Србија; Марта Греам танцова компанија (Њујорк), Филаданко! (Филаделфија) Меган Бриџ танцова компанија (Филаделфија) и Батери танцова компанија (Њујорк), САД; Државниот балет од Хилдешајм, Стептекст танцова компанија и Кристина Бонансеа танцова компанија од Германија; Загребачки плесни театар, Хрватска; Битеф танцовата компанија, Србија; Дерида танцовата компанија од Бугарија; Националната опера и драмска танцова компанија, Национална опера и драмски танцов театар (Пекинг), Драгон кунг фу танцовата компанија (Пекинг) и „9 Танцов театар“ (Пекинг), Кина и многу други, кои презентираа кореографски остварувања на истакнати светски кореографи како Јиржи Килијан, Ханс ван Манен, Марта Греам, Мехмет Балкан, Итзак Галили, Јохан Ингер, Мауро Бигонзети, Начо Дуато, Матц Ек, Мурат Мерзуки, како и дела на Салија Саноу & Сејду Боро, Борис Шармац, Елса Волиастон, Кацура Кан и други.
Културниот центар Интерарт преку своите активности работи систематски и стратешки, со развојни линии на презентација, продукција и едукација и создава целосна инфраструктура за современ танц во Македонија. Центарот во 2010 година ја основа Скопје танцовата академија, во соработка со една од најпрестижните светски танцови академии – Ротердам танцова академија, дел од Универзитетот CODARTS од Холандија, а со поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Оваа програма денес е дел од Државниот универзитет „Гоце Делчев“ и е предводена од Рисима Рисимкин, како основач и декан на Филмската академија, каде припаѓа Катедрата за современ танц. Во 2011 година, Интерарт го основа Скопје танцовиот театар, првата и до денес единствена официјална компанија за современ танц во земјата. Во 2012 година Интерарт ја основа новата танцова сцена ЗЕБРА. Центарот е препознаен од Министерството за култура на Република Македонија, како пример за промоција на претприемништвото во културата, како нов модел на работа во Македонија, координиран со светските трендови. Со прогресивното размислување и дејствување културниот центар Интерарт станува лидер во развојот на современиот танц, не само во земјата, туку и во регионот.
Интерарт културниот центар, од 2003 година, преку својата работа ги спроведува премисите на ЦИД УНЕСКО, промовирајќи ги вредностите за кои УНЕСКО се залага, за зачувување и развој на духовното и не-материјалното наследство. Центарот организираше два Регионални конгреси на ЦИД УНЕСКО во Македонија; конференција на тема “Танцот како експресија на културните различности“ поддржана од УНЕСКО, како и конференции за танц на тема “Современиот танц (култура) како фактор на трансформација на општеството“ поддржани од Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија.
Во периодот од 2010 до 2017 година, центарот ја развива новата проектна линија, едукативна програма за деца од 4 години нагоре, именувана како „Рисимкин истражувачки центар“ кој обучува повеќе од 100 деца на годишно ниво.
Во 2014 година центарот го создава Интеранционалниот натпревар за млади кореографи – ТАНЦЛАБ, кој се одвива на секои две години, како дел од фестивалот Танц Фест Скопје.
Во 2018 година, под водство на Матеа Мијановиќ, центарот ја создава платформата „Инкубатор програма за култура“ за развој на младинската уметничка сцена во Македонија. Проектот се базира на соработка на млади уметници од трите уметнички категории: современ танц, визуелни уметности и музика, кои поминуваат низ професионален процес на создавање на самостојни и интердисциплинарни дела, кои ги пласираат на современата уметничка сцена. Во Инкубатор програмата, во изминатите 5 години, низ процесот на обука поминаа преку 150 млади уметници од трите уметнички категории.
Интерарт се јавува како издавач на книгата “Уметноста на Танцот“, трите публикации за современ танц: “На крилјата на танцот“; “Нов танцов театар“ и “Патот на промените“; моографиите: “Скопје танцова академија – Почетоците“ и „Чудесниот свет на танцот“ за 10 години на фестивалот Танц Фест Скопје.
Во моментов Интерарт културниот центар работи на проектот „Простор за разговор“ (“Dancing (Talking) Table”) во кој преку уметнички активизам сака да го сврти вниманието на јавноста на родовата (не)еднаквост и семејното насилство. Проектот е поддржан од Швајцарската амбасада во Скопје.